ВРАЧЕНА НАГРАДАТА „АНТЕВО ПЕРО“, ПОЕТСКИ ЧИТАЊА И ФОРМИРАЊЕ НА АКАДЕМИЈА АНТЕ ПОПОВСКИ

На 28 и 29 септември 2018 година, во Скопје и Лазарополе се одржа Меѓународната културно-поетска манифестација „Анте Поповски – Антево перо“. Отворањето на дводневната манифестација, востановена годинава во чест на творештвото на бардот на современата македонска поезија, академик Анте Поповски, беше означено со поетско читање во спомен собата на поетот во Центарот за култура во Oпштина Ѓорче Петров, со почеток во 19.00 часот. Со по една своја песна се претставија 10-мина поети од земјата и странство кои творат на македонски јазик чиишто стихозбирки се најдоа во пошироката конкуренција за наградата Антево перо“. Истата вечер беше официјално претставена наградената збирка „Кумова слама“ и врачена наградата „Антево перо“ на лауреатот Славе Ѓорѓо Димоски, a беа доделени и пригодни признанија на поетите придружници на наградениот автор – Марина Мијаковска и Михајло Свидерски, како и благодарници на поетите кои учествуваа на годинешниот конкурс за наградата „Антево перо“.
На 29 септември, манифестацијата продолжи во хотелот Калин во родното селото на Поповски – Лазарополе, со формирање на Академија Анте Поповски. Еминентни творечки имиња од сферата на литературата и културата воопшто, почитувачи на творештвото на Поповски, како и негови долгогодишни соработници во својство на членови на Академијата , на овој начин ќе водат грижа за натамошната физиономија и растеж на Манифестацијата. Во Паркот на поезијата во Лазарополе пред бистите на писателите Анте Поповски, Симон Дракул и Кочо Рацин, се одржа поетски рецитал, а напоредно со убавиот збор, непресушниот креативец Живко Поповски Цветин, демонстрираше пригодни сликарски техники и мајстории. Беше посетена и богатата библиотека во домот на Анте Поповски, каде што во последните години од својот живот ги создаде монументалните дела „Света песна“ и „Две тишини“. Учесниците ја посетија и црквата „Свети Ѓорѓи“ во Лазарополе, еден од најпрепознатливите симболи на културата во Мијачијата, со преубав, редок и вреден иконостас, но и со доста богатата галерија на стари икони.








Поздравни обраќања по повод одржувањето на манифестацијата
ЧЕСТИТКИ ОД БУГАРСКИОТ ПОЕТ ЉУБОМИР ЛЕВЧЕВ ДО МАНИФЕСТАЦИЈАТА „АНТЕВО ПЕРО“ И ДО ЛАУРЕАТОТ НА НАГРАДАТА СЛАВЕ ЃОРЃО ДИМОСКИ

По повод востановувањето на Меѓународната поетска манифестација „Анте Поповски- Антево перо“ а во предвечерието на врачувањето на наградата „Антево перо„ бугарскиот поет Љубомир Левчев, добитник на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата во 2010 година, изјави: „За мене Анте Поповски не е само голем поет, туку и голем пријател „меѓу животот и знаците“. Ние се познававме повеќе од две децении. Знам дека секогаш ќе бидеме заедно во поезијата и идеите. Наградата „Антево перо” всушност е вистинскиот знак на крилјата на креативното (творечкото) пријателство. Го поздравувам и му честитам на добитникот на годинешната награда – Славе Ѓорго Димовски и му посакувам добро здравје“.
Професор д-р Миодраг Врчаковски во чест на востановувањето на меѓународната поетска манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ и на основањето на Академија што го носи името на поетот, запиша: „ Која палета од зборови да ја употребам за да го насликам раскошниот духовен портрет на мојот драгоцен пријател и колега Анте… Потребна е огромна храброст своите мисли да ги пренесеш на хартија зашто тие се најмоќното човеково оружје, никому не простуваат, можат да ти ја печатат судбината и да усмртат без капка пролеана крв. Мојот Анте добро знаеше дека животот на зборовите е подолг од животот на луѓето. Тие го премостуваат времето и стануваат споменици на генијалноста на нашиот ум, или пак сведоци на нашата глупост. Генерации ќе судат за тоа. Бевме големи пријатели. Сѐ уште во глава ми одѕвонуваат зборовите на мојот помлад син Војдан, кој една летна квечерина, покажувајќи кон телефонот без трунка колебање и по само нему својствена интуиција го определи неговото место на светската литературна ранг листа, нарекувајќи го ДАНТЕ… Тато, те бара чичко Данте на телефон, ми прошепоти. Пишувам за Анте не зашто бевме пријатели, не зашто заедно војувавме со неговата болест, не зашто бевме заедно до последните мигови, туку зашто беше Човек – планина, Човек – вселена. Треба ли да Ви зборувам за неговата „Света песна“? Зарем треба да ви објаснувам што е тоа живот? Што да ви кажам за неговата последна книга „Две тишини“. Таа е татнеж, експлозија на илјада громови… Бев сведок на нејзиното создавање. Анте на работ од животот, од едната страна тишината на немоќта од сознанието за минливоста, од крајот што веќе ја подава раката, од другата стравот од тишина на времето, од молкот на вековите, од правот на заборавот… Жестока беше неговата борба. „Две тишини“ се судбоносниот, судбинскиот удар што Анте му го зададе на времето на заборавот.
„Сега од ова пусто место
Од овој очај и овој крај
Јас убаво распознавам време
Во кое некогаш бев жив“.
Почивај во мир драг пријателе. И ти благодарам за песната што ми ја посвети. Никој не ти е виновен што самиот се казни со вечен живот.
Проф. д-р Миодраг Врчаковски
Скопје, 27. 09. 2018 година
ЧЕСТИТКИ ОД БУГАРСКИОТ ПОЕТ РОМАН КИСЈОВ ДО МАНИФЕСТАЦИЈАТА „АНТЕВО ПЕРО“ И ДО ЛАУРЕАТОТ НА НАГРАДАТА СЛАВЕ ЃОРЃО ДИМОСКИ
Во честитката што бугарскиот поет, преведувач и сликар Роман Кисјов ја упати до Меѓународната поетска манифестација „Анте Поповски-Антево перо“ и до лауреатот на наградата за поезија „Антево перо“, Славе Ѓорѓо Димоски, се вели:
“Ми причинува особено задоволство да го поздравам поетскиот Меѓународен форум” Анте Поповски – Антево перо! “Мислам дека е најприродно во Република Македонија да има таков настан – врзан за името на еден од најголемите, најсовремени и најпрестижни македонски поети – Анте Поповски, чија поезија ги надмина регионалните граници и е на европско ниво, додека пак неговата „Света песна“ е колосалнo поетско дело во целиот свет! Ја сакам оваа поезија, таа ми е особено блиска по темите, духовните пораки и тонови. Затоа направив избор и преведов дел од неа за љубителите на поезијата и убавата литература во Бугарија! Со големо задоволство изработив и цртежи како илустрација на неговата поезија во книгата на бугарски јазик „Ѕвезден корен” (во издание на книгоиздателството “Ерго”, Софија, 2015). Исто така, инспириран од песната на Поповски „Мајсторот и мостот“, создадов уметничко дело масло на платно со кое учествував на првата меѓународна поетско ликовна колонија „Нацртај песна“, организирана од Градската библиотека “Браќа Миладиновци” во Скопје во 2017 година. Еден мој цртеж подарив на семјеството и тој сега се наоѓа во витрините на спомен собата на поетот во Центарот за култура во општина Ѓорче Петров во Скопје. Сега ми е уште подраго што сум засекогаш поврзан како уметник со универзалната духовна поезија на овој голем поет! Исто така, сакам да му честитам од срце на мојот пријател, многу оригиналниот, препознатлив и модерен поет Славе Ѓорѓо Димоски, за потполно заслужената награда „Антево перо”, пожелувајќи му здравје и бесконечна креативна инспирација! Му пожелувам на овој значаен форум во Македонија поетски долг живот, и истиот да стане традиција – меморија и пример за вистински духовни вредности и високи поетски критериуми кои се безвременски!