
На 11 декември 2025 година, во Осиек, Хрватска, Јулијана Младеновска – Тешија одржа необично мултимедијално предавање во кое како основа беше земена Првата песна од маестралната збирка „Света песна“ од Анте Поповски. За ова предавање, Јулијана Младеновска – Тешија, која е добитничка на наградата „Антево перо“ за 2022 година, направи препев на хрватски јазик на оваа песна. Овој препев е прв таков обид, бидејќи, до сега, за оваа поетска книга не е правен препев на ниту еден јазик.













Конкурсот за необјавено поетско дело е објавен во весникот „Нова Македонија“ на 30 април 2025 година. Пропозициите за учество на Конкурсот ги споделуваме и овде. Со нетрпение ги очекуваме вашите поетски писма.
КОНКУРС за доделување на наградата „Антево перо“,востановена во чест на творештвото на бардот на современата македонска поезија, Анте Поповски, за 2025 година.
Пропозиции:
1. Наградата „Антево перо“ за 2025 година се доделува како исклучително македонско поетско признание за необјавена поетска книга (поетски ракопис). 2. Покрај наградата „Антево перо“, се доделуваат и придружни награди, „Антев златник“ и „Антев часовник“. Комисијата го задржува правото да не ги додели придружните награди. 3. На Конкурсот можат да се јават сите автори кои имаат необјавен поетски ракопис на македонски јазик, без разлика на националноста, возраста, литературниот „стаж“ или државата во која живеат.Со оглед на тоа што покрај наградата „Антево перо“, на Конкурсот се доделува и наградата „Антев часовник“, Комисијата препорачува творците кои се помлади од 25 години, да наведат дека спаѓаат во оваа категорија на автори. Напоменуваме дека возраста воопшто нема да влијае на Комисијата при распределба на наградите. Доколку Комисијата оцени дека некој од младите автори има збирка која заслужува да ја добие наградата „Антево перо“, возраста воопшто нема да биде елиминаторен услов. 4. Наградата се состои во непрофитно објавување на поетскиот ракопис, со назнака на името на наградата на корицата од книгата, и со отстапување на комплетниот тираж (300 примероци) на авторот. 5. Книгата ќе биде квалитетно претставена и промовирана со посебен осврт од наш истакнат литературен творец во рамките на Mеѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“. 6. Пристигнатите ракописи ќе ги разгледува тричлена Комисија, во состав: проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска (универзитетски професор, писател и книжевен критичар), д-р Атина Цветаноска, (книжевен истражувач, книжевен критичар и херменевтичар) и Жорж Поповски (новинар, член на семејството на Анте Поповски). Третиот член, има право на вето на одлуката на Комисијата, доколку смета дека делото кое Комисијата сака да го награди е под достоинството на поетското творештво на Анте Поповски, или го навредува јавниот и естетскиот вкус. 7. Ракописите треба да бидат напишани во Times New Roman, фонт 12 и да бидат испратени во електронски формат pdf или word на електронската адреса: manifestacijaantevopero@gmail.com заклучно со 05 август 2025 година. 8. Кандидатите можат ракописот да го достават под свое име и презиме, или под шифра. Во вториов случај, авторството го докажуваат со копија од ракописот, по објавувањето на резултатите. 9. Кандидатите не мора да го чекаат последниот рок, затоа што Комисијата ќе ги прегледува ракописите сукцесивно, онака како што пристигнуваат. 10. Комисијата својата одлука ќе ја соопшти кон крајот на август 2025 година.
ПОЕТСКО ЧИТАЊЕ „ОДБЛЕСОЦИ“
На 7 март, во прекрасна атмосфера се одржа поетското читање насловено „Одблесоци“ со кое се одбележуваат 70 години од издавањето на првата стихозбирка на Анте Поповски. Воедно со овој настан, Манифестацијата „Анте Поповски – Антево перо“ започнува со своите активности за 2025 година. Настанот имаше за цел да ги промовира младите поети – учесници во изминатите седум години, како добитници на наградата „Антев часовник“ или како избрани во потесните кругови на селекција за истата награда. Поетското читање со своите творби го збогатија и учесниците на минатогодишните работилници за креативно пишување во рамките на проектот „Поезија во фармерки“. Со голема радост можеме да кажеме дека младите поети имаат вдахновени поетски писма кои сосема заслужено се нашле во селекцијата за наградите „Антево перо“ и многу сме среќни што нивните поетски книги, оваа година со помош на Министерството за култура, ќе бидат отпечатени. Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски „Антево перо“ и натаму ќе продолжи да ги вреднува и промовира сите поети кои со своите дела придонесуваат кон чувањето и негувањето на македонскиот јазик – аманет оставен од самиот Анте Поповски. Ја изразуваме нашата огромна благодарност до сите учесници и присутни на настанот особено на Светла Јакшиќ, Софија Тодороска, Емануела Ковачевска Китановска, Пепи Стамков и Милена Сиљаноска за нивниот огромен придонес за организирањето на настанот. Исто така, изразуваме благодарност и до културниот центар „Лабораториум“ за отстапениот простор и соработката.










ПОЕТСКА ВЕЧЕР СО ДОБИТНИЦИТЕ НА НАГРАДИТЕ АНТЕВО ПЕРО

Во рамките на „Град Скопје како престолнина на културата за 2028 година“, во Културно информативниот центар, на 27 ноември од 19:00 часот, во Салон Империјал 2 – Скопје, се одржа Поетска вечер со добитниците на наградите на Манифестацијата „АНТЕВО ПЕРО“ . Убавината и оригиналноста на овој настан, e во тоа што на едно место овојпат беа собрани и се претставиа со извадоци од своето поетско писмо, досегашните добитници на наградите „Антево перо“, „Антев златник и „Антев часовник“. Овие традиционални награди им беа доделени по конкурсите за необјавена збирка поезија на македонски јазик, реализирани во рамките на седумте досегашни изданија на Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски-Антево перо“. Вљубениците во поезијата имаа ретка можност да слушнат квалитетни поетски сочиненија кои се одраз на новите модерни текови во македонската поезија, а се инспирирани од името и творештвото на нашиот поетски великан Анте Поповски. Низ сценариото и програмата не водеа професорките Татјана Алексиќ и м-р Митра Мими Спасова, кои интерпретираа и одделни извадоци од творештвото на Анте Поповски и на други поети, а присутните посетители имаа можност да проследат и видео материјал изворно со гласот на Анте Поповски.




Своето жалење за отсуството на неодамнешниот поетски празник што деновиве се случи во Културно-информативниот центар во Скопје, со поздравни обраќања до своите колеги по перо и до членовите на Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски АНТЕВО ПЕРО, го обрзложија проф. д-р Јулијана Младеновска Тешија и уметникот Тони Попов. Нивните емотивни обраќања изворно ви ги пренесуваме:


ОДБЕЛЕЖАНИ 60 ГОДИНИ ОД ИЗДАВАЊЕТО НА ЗБИРКАТА „НЕПОКОР“ и 40 ГОДИНИ ОД ЗБИРКАТА „СИНА ПЕСНА“
Во рамки на меѓународната манифестација „Анте Поповски – Антево Перо“, која се одржа на 3 октомври 2024 година, беа одбележани годишнините од издавањето на збирките „Непокор“ и „Сина песна“. Покрај интерпретацијата на песни од овие збирки, свое стручно излагање имаше проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска која говореше за стилските и естетските вредности на овие збирки.




СВЕЧЕНО ПРОМОВИРАНА ДОНАЦИJATA НА ЛИЧНИОТ ФОНД НА АНТЕ ПОПОВСКИ ВО МУЗЕЈОТ НА МАКЕДОНСКАТА БОРБА ЗА САМОСТОЈНОСТ
Во присуство на голем број гости од културниот и опшетствениот живот, на 30 мај 2024 година, музејот презентираше документи, лични предмети, награди и признанија, фотографии и други материјали, коишто претставниците на семејствата Поповски и Матевски ги донираа во музејскиот фонд.
„Ако изборот на предметите ја искажува душата на еден човек, ако според изгледот на неговата соба може да се суди за неговата душа, тогаш ние како семејство сме среќни што неговата душа од денес ќе живее во колективната душа на македонскиот народ, на најсветлите негови синови. Неговите предмети не се веќе само наши, туку на Македонија, за која живееше. Затоа, Анте, татко наш, имај вечен живот под покривот на небесна Македонија.“ – истакна, меѓу другото, Александар, син на Анте Поповски, по повод отворањето на постојаната поставка во Музејот на македонската борба за самостојност посветена на Анте Поповски. По овој повод на настанот беше прочитана пораката од писателот Венко Андоновски во која се вели: „Се сеќаваш ли Анте, кога првпат летав со авион со тебе во Варшава, на писателски конгрес, како младо момче штотуку зачекорено во книжевноста, на кое ти му пружаше книжевна поддршка и му го држеше стравот во авионот, водејќи упорно разговор за да престанам да мислам на летот? Тогаш од Варшава ми купи еден мал часовник и една стара мапа на Македонија, што ја пронајдовме во една антикварница. Е па, драг Анте, бидејќи имаше опсесија од собирање часовници и стари мапи на Македонија, се радувам што твоето време од денес ќе се мери со исконското време од старите мапи од наша Македонија, и тоа во Музејот на македонската борба, единственото место достојно да го собере твоето време, твојата љубов кон отечеството и твојата светска, а македонска поезија, химна на светлината на човештвото. И особено се радувам што ова твое селење во вечноста на македонската светлина се случува токму на денот кога она момче што го држеше за рака во авионот за Варшава, денес полни 60 лета. Со љубов, Твој Венко.“









За изложбата беше подготвен каталог кој може да се погледнe со скенирање на QR-кодот. Каталогот е достапен на македонски и англиски јазик.

РАСПИШАН КОНКУРСОТ ЗА ПОЕТСКАТА НАГРАДА „АНТЕВО ПЕРО“

Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски, како организатор на Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски –Антево перо“, со задоволство ве информира дека го распиша седмиот по ред конкурс за необјавена поетска книга на македонски јазик. Здружението ги поканува сите креативни поетски сили, кои ќе ги исполнат пропозициите предвидени во конкурсот, да учествуваат на конкурсот за престижната поетска награда „Антево перо“, чијашто основна цел е негување на јазикот на родината, преку популаризација на поезијата како литературна форма и најсуптилен јазичен израз. Со нетрпение ги очекуваме вашите поетски ракописи!

ПОЧЕТОК НА ПРОЕКТОТ „ПОЕЗИЈА ВО ФАРМЕРКИ“
Во рамките на овогодинешното седмо издание на „Меѓународната поетско-културна манифестација Анте Поповски – Антево перо“, чијшто почеток беше означен пред петнаесетина дена, покрај другите програмски содржини, ќе биде реализиран и проект со наслов „Поезија во фармерки“. Целта на овој проект е да ги инспирира, мотивира и вклучи средношколците во процесот на приближување до македонската поезија, да ги поттикне да мислат, читаат, пишуваат и живеат со јазикот на својата родина и да негуваат култ кон книгите и вистинските духовни вредности, што е основна цел и начело на целокупното дело на Анте Поповски. Со проектот, кој ќе се одвива во две фази, предвидено е одржување на вкупно четири креативни работилници и еден завршен настан. Првата креативна работилница е закажана за денеска, 25 април 2024 година, во 13.30 часот во СУГС Гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“. На работилниците ќе земат учество 30 талентирани ученици од скопските средни училишта: СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“; СУГС Гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“; СУГС Гимназија „Орце Николов“; СУГС Гимназија „Никола Карев“; СУГС „Георги Димитров“ и СУГС ,,Димитар Влахов“ Работилниците ќе ги водат професорките, м-р Митра Мими Спасова и Татјана Алексиќ од Гимназијата ,,Корчагин”, кои ќе бидат модератори и предавачи. Тие преку интерактивен пристап, теориско дефинирање на поезијата и едукација преку примери од поезијата на Анте Поповски и други истакнати македонски поетски имиња, ќе ги насочуваат учениците да пишуваат поетски, но и други литературни творби. На првата работилница учениците од страна на менторите ќе бидат запознаени со сите основни детали за делото на Анте Поповски, ќе проследат видео записи и ќе разговараат со синовите на поетот, Жорж и Александар Поповски. Втората креативна работилница, пак, е замислена и резервирана за мултимедијално креативно изразување на учениците како резултат на инспирација од творештвото и делото на Анте Поповски. Наесен, по реализацијата на последните две предвидени работилници, ќе биде организиран и завршен настан на кој ќе се презентираат резултатите на сите кои зеле учество и приложиле свои авторски дела, ќе им бидат врачени благодарници на учесниците, а ќе биде направена и заедничка фотографија со сите учесници во овој проект со нивните ментори и членовите на Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски АНТЕВО ПЕРО, како покренувачи и реализатори на проектот „Поезија во фармерки“.







Потпишан Договор со ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ за добивање дигитализирани материјали од опусот на Анте Поповски и правата за дигитализирање на книжниот фонд

По успешно завршената прва фаза од дигитализацијата, Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски – АНТЕВО ПЕРО направи дигитални верзии на оригиналните први изданија од неговите дела. Членот на Здружението, д-р Атина Цветаноска, ги дигитализираше збирките „Камена“, „Љубопис“, „Сина песна“, „Ненасловена“, „Провиденија“, „Света песна“ и „Две тишини“ како и дел од личните преписки, ракописи, фотографии и други материјали на Анте Поповски. Овој фонд го отстапивме на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“, во која препознавме сериозен партнер кој работи во насока на зачувување на трајните вредности. Со потпишувањето на заедничкиот Договор, на 5 април 2024 година, од страна на Жорж Поповски, претседател на Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски АНТЕВО ПЕРО и Снежана Стојчевска, директор на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“, погледнато од аспект на Здружението, практично започнува седмото, по ред издание на „Меѓународната поетско – културна манифестација Анте Поповски-Антево перо“, во чиишто рамки ќе продолжи и ќе се одвива планираната втора фаза од дигитализацијата на оставнината на Анте Поповски. Со оваа активност, ќе се отворат можности за едно поинакво претставување на делото на Анте Поповски и ќе се овозможи полесен пристап до неговите дела и други материјали, што во иднина може да биде предмет на некои нови проучувања, изложби и претставување. Со создавањето на дигиталните отпечатоци и со ваквиот начин на документирање се придонесува кон зачувување на македонската историја и може во иднина да се користи за континуирана афирмација на македонскиот јазик како кај нас така и во странство. Ја користиме оваа можност да ја упатиме нашата благодарност до ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ и директорката Стојчевска за нејзината заложба и покажаниот интерес да се реализира идејата делото на Анте Поповски да стане достапно и во електронска форма.
ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“
https://mkd.mk/digitalizacija-na-tvoreshtvoto-na-ante-popovski-vo-gradskata-biblioteka-vo-skopje/
https://nezavisen.mk/digitalizirano-tvoreshtvoto-na-ante-popovski-eve-koj-kje-go-chuva/
Се одржа Омаж во чест на академик Анте Поповски
Во емотивна и свечена атмосфера и со присуство на многубројна публика, на 26 октомври 2023 година се одржа Омаж по повод 20-годишнината од упокојувањето на современиот македонски поет, академик Анте Поповски. Настанот беше во организација на Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски АНТЕВО ПЕРО“, а се одржа во салонот „Империјал 2“ при Културно-информативниот центар – Скопје. Со гласот на Анте Поповски и интерпретација на негови стихови од артистот Славко Нинов, присутните се потсетија уште еднаш на ликот и делото на овој наш книжевен великан. Низ програмата на овој културен настан, мошне суптилно, но впечатливо и со одбрани зборови водеше м-р Митра Блажевска, додека за делото и творештвото на Поповски со должен респект, инспиративно и на големо задоволство на посетителите, зборуваше проф. д-р Венко Андоновски, дописен член на МАНУ. Во изведба на артистката Софија Гогова Врчаковска присутните имаа можност да слушнат дел од првото пеење „Каин и Авел“ од грандиозното дело на Поповски „Света песна“, а потоа од страна на Александар Поповски ѝ беше врачено признанието познато како „Антева златна книга“. Наградата се состои од фототипно издание на збирката „Две тишини“ позната и како „Париска тетратка“ од Анте Поповски. Почесното признание, кое Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски – „Антево перо“ го доделува на истакнати личности, на Врчаковска ѝ припадна за нејзината повеќедецениска континуирана афирмација на творештвото на Анте Поповски, пред сѐ, на програмите на Македонската радио и телевизија, но и на повеќе настани организирани во негова чест по разни поводи. Освен Врчаковска, која заблагодарувајќи се на наградата со силна возбуда потсети на одделни епизоди од соработката со Анте Поповски, за своите релации со бележитиот претставник на македонската модерна книжевност, но и лекар по професија Анте Поповски, кусо обраќање имаше и проф. д-р Миодраг Врчаковски. Во функција на доосветлување на високите уметнички и творечки достигнувања на Поповски, д-р Атина Цветаноска ја промовираше комбинираната веб-страница, која е дел од првата фаза на дигитализацијата на целокупната оставнина на овој наш истакнат поет. Страницата содржи бројни значајни податоци за творештвото на Анте Поповски, за Здружението, кое се грижи за чување и афирмација на неговото дело, како и за реализацијата на шесте досегашни изданија на Меѓународната манифестација „Анте Поповски – Антево перо“. На крајот од вечерта ликовниот уметник, хуманист и миротворец, Живко Поповски Цветин, потсетувајќи ги присутните на плодната соработка со македонскиот книжевен великан, на неговиот син Жорж Поповски му врачи „Цветинова награда за мир“.













ОСВРТ НА ТАТЈАНА АЛЕКСИЌ ЗА ГОДИНЕШНОТО ИЗДАНИЕ НА „АНТЕВО ПЕРО“ ВО МУЗЕЈ НА МАКЕДОНСКАТА БОРБА – СКОПЈЕ
Музејот на македонската борба за самостојност на 27 септември 2023 година ечеше од патриотизам, ама оној суштинскиот, кога гледаш и слушаш млади луѓе како зборуваат, пишуваат, рецитираат, творат, мислат, дишат и го возљубуваат македонскиот дух и јазик. Во духот на Непокорот на ,,Антевото перо”, неговите Родописи, Тајнописи и Љубописи, како да најдоа свои вериги и нови поетски семејства во творбите на наградените поетољупци. На шестото издание на Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“, присутните имаа можност да проследат драгоцени видео материјали со рецитал на академик Анте Поповски и интерпретација на неговите стихови од Софија Гогова Врчаковска. Со емотивни говори се обратија и добитниците на наградите – Александар Русјаков, Милена Сиљаноска, Александра Спасеска и нашата некогашна гимназијалка Светла Јакшиќ. Додека ги слушав ја видов иднината на Македонија, надеж дека има генерации вљубени во македонскиот јазик и сентимент…
Нека им се множат наградите и успесите на кирилица! ![]()
