
Меѓународната поетска манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ е востановена во 2018 година. Идејата за неа потекнува од заложбите на членовите на семејството Поповски – синовите Жорж и Александар, преку воведувањето на поетска награда, која е во чест на нивниот татко Анте Поповски, и преку многуте активности кои произлегуваат од манифестацијата, да се продолжи со зачувување, валоризирање и популаризација на целокупното творештво на Анте Поповски. Оттогаш, секоја година се објавува конкурсот за необјавена поетска книга на кој учество може да земат сите автори од Македонија и странство кои творат на македонски јазик. Низ годините манифестацијата и книжевната награда „Антево перо“ , како и наградите „Антев златник“, прераснаа во сериозен показател за новите, модерни текови во македонската поезија, а авторите со голем ентузијазам земаат учество за што е показател големиот одзив од 465 поетски збирки пријавени во изминатите шест изданија. Исто така, оваа манифестација одвојува посебно место за младите поетски имиња чиешто учество секоја година е сѐ поголемо. Наградата „Антев часовник“ за нив е признание кое понатаму им го отвора патот кон другите домашни и странски поетски манифестации и конкусри. Со тоа, оваа манифестација успешно ја извршува својата мисија и е значаен чинител во македонската литература и култура.