Во рамки на меѓународната поетска манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ во 2019 година за првпат беше организиран научен симпозиум во чест на великанот Анте Поповски насловен како „Антево дело“. Со симпозиумот раководеше проф. д-р Кристина Николовска, а покрена литературни, литературно-теориски, јазични, културолошки, филозофски, општествени теми, теми од историја на уметност, естетика, теми од културното живеење, итн. Излагањата од овој Симпозиум се отпечатени во Зборник на научни трудови „Антевото дело – непресушен изворник на мислата и на речта“. Зборникот на едно место донесува нови и досега главно непознати за јавноста научни согледувања за ликот и делото на Анте Поповски, пред сѐ од аспект на неговото литературно творештво, поезијата, есеистиката, но и од гледна точка на пошироката антева дејност (новинарска, општествено-политичка, итн). Овие трудови воедно нудат нови научно-фундирани сознајби за Анте Поповски и како културен придвижник, мисионер, културолог, но и филозоф на уметностите. Со свои излагања во Зборникот се застапени проф. д-р Венко Андоновски, проф. д-р Кристина Николовска, д-р Атина Цветаноска, доцент д-р Атанас Чупоски Панде, Колемишевски, проф. д-р Христо Петрески и м-р Ана Петреска, м-р Симона Петровска, м-р Наташа Данчевска, м-р Митра Блажевска и Митко Гогов.



МЕЃУНАРОДЕН НАУЧЕН СИМПОЗИУМ „АНТЕВО ДЕЛО“ 2021 година

Во годината кога се одбележуваат 90 години од раѓањето на македонскиот поетски маг, Анте Поповски, во Лазарополе се одржа вториот научен симпозиум „Антево дело“ кој оваа година има меѓународен карактер. На симпозиумот учество зедоа: академик Катица Ќулавкова (МАНУ), проф. д-р Ала Шешкен од МГУ „Ломоносов“ од Москва, Руска Федерација, член на МАНУ надвор од работниот состав, проф.д-р Венко Андоновски, дописен член на МАНУ, проф. д-р Кристина Николовска, проф. д-р Емилија Црвенковска, проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска, проф.д-р Бојан Ортаков, Филип Фиданоски д-р при Универзитетот во Болоња, Емилија-Ромања, Италија, м-р Бранко Цветкоски, м-р Сузана В. Спасовска, м-р Александра Јуруковска и асс. м-р Иван Антоновски. Зборникот на трудови „Антево дело“ излезе од печат како посебно издание и беше промовиран на 22 мај 2023 година во Скопје и на 19 јуни 2023 година во Куманово.








