Анте Поповски е роден на третиот ден од месецот јуни 1931 година во живописното Лазарополе. Основното образование го завршил во родното село, а гимназијата во Битола. Своето школување го продолжил на медицинскиот факултет во Скопје кој го завршил во 1955 година. Кратко време работел како лекар во Дебар, но по излегувањето на првата збирка поезија „Одблесоци“ засекогаш ја напушта оваа професија и својот работен век го продолжува на повеќе работни позиции. Бил член на Друштвото на писателите на Македонија од 1956 година и негов претседател повеќе мандати, член на Извршниот совет на Македонија, Директор на НИП „Нова Македонија“ и „Вардар филм“, Потпретседател на Републичката комисија за културни врски со странство, Претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата (1966/67 и 1978/79 година) и други значајни позиции. Во 2001 година е избран за член на Светската академија на поезијата на УНЕСКО со седиште во Верона, Италија, а за редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 10 мај 2002 година. Починал во Скопје на 1 октомври 2003 година.
Анте Поповски е еден од најзначајните македонски поети. Неговата поезија е нераскинлив дел од македонскиот идентитет, бидејќи тој пресоздавањето на сопствената и светлината на универзумот во поезија го прави со светиот збор и тоа не кој било збор, туку македонскиот. Тој се чувствува почестен што ја има можноста да создава поезија на тој ѕвезден јазик. Нема ништо посвето од неговиот македонски збор. За него тој е и споменик, и татковина, и црква, и религија. Ако зборот е нашиот единствен предок, тогаш Анте Поповски со креирањето на својата поезија на македонски јазик го покажува и докажува својот македонски корен. Љубовта кон македонскиот јазик „дише“ во секоја негова песна.