Во годината кога се одбележаа 20 години од смртта на Анте Поповски, Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски – Антево перо, започна со дигитализација на сите пишани материјали кои се дел од оставнината на поетот. Поради обемноста на потфатот, дигитализацијата се одвива во фази. Во тој сериозен и долг процес се дигитализираа оригиналните први изданија од неговите дела, дел од неговите лични фотографии, писма и ракописи.
Водени од новите технолошки текови и трендови, а со цел конзервација, зачувување и полесен пристап до целосната оставнина на овој истакнат македонски писател, културен деец и општественик, сметаме дека со овој процес ќе се направи едно електронско документирање кое трајно ќе ја зачува оваа материјална оставнина за идните генерации. Со овој процес ќе се отворат можности за едно поинакво претставување на делото на Анте Поповски и ќе овозможи полесен пристап до неговите лични преписки, ракописи, фотографии и сл. што во иднина може да биде предмет на некои нови проучувања, изложби и претставување. Со создавањето на дигиталните отпечатоци и со ваквиот начин на документирање се придонесува кон зачувување на македонската историја и може во иднина да се користи за континуирана афирмација на македонскиот јазик како кај нас така и во странство.