„Антево Перо 2025“

Младешкиот поетски свет на Вероника Димоска е бескраен простор кој се омеѓува со стварноста која е исполнета со постојана борба за опстанок помеѓу бесчувствителноста, стереотипите и празнотијата на секојдневието. Во егзистенцијалистичките поетски слики, кои напати се надрелистични, оваа млада поетеса ги населува емотивните доживувања на еден живот, љубовта кон другиот и нејзиното поетско јас преминува од една на друга меѓа движејќи се во времето и просторот некогаш лесно, а некогаш како да се двоуми дали да влезе во непознатото. Во уникатните фигури на оваа поезија вешто се испреплетени песни со сложена внатрешна рима, што прави оваа поезија да има високи естетски квалитети.

Во име на Комисијата, д-р Атина Цветаноска