БРАТИСЛАВ ТАШКОВСКИ ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА „АНТЕВО ПЕРО“


Жирито за доделување на наградата „Антево перо“ во рамки на меѓународната поетскo-културна манифестација „Анте Поповски – Антево Перо“, во состав проф. д-р Венко Андоновски (претседател), д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови), ги разгледа и дискутираше за поетските книги кои беа претходно селектирани како кандидати за годинешнава награда „Антево перо“: „Ѕвезден часовник“ на Димитар Арнаудов, „Небесни разговори“ на Братислав Ташковски, „Сите болки станаа мои“ на Елизабета Баковска, „Опит“ на Сузана Мицева, „Позлатено распетие“ на Ивица Челиковиќ, и „Светец“ на Ирена Павлова де Одорико. Комисијата одлучи наградата „Антево перо“ за 2021 година да ѝ се додели на книгата „Небесни разговори“ од Братислав Ташковски. Наградата „Антево перо“ се доделува како исклучително македонско поетско признание за необјавен поетски ракопис, а ја доделува мeѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ во чест на творештвото на бардот на современата македонска поезија, Анте Поповски.
Братислав Ташковски е веќе четири децении препознатлива константа на македонското поетско писмо; освен што е етаблиран поет со свој впечатлив поетски портрет, тој е и еминентен прозаист и драматург, чија литература се оствари и преку филмска форма. Но, пресудна за добивањето на наградата „Антево перо“ беше естетската вредност на неговата стихозбирка „Небесни разговори“. Станува збор за можеби најдобрата до сега објава на овој исклучителен поет, македонскиот Езра Паунд и Борис Пастернак, како што беше препознаен од критиката на неговата генерација, во која тој и Славе Ѓорѓо Димоски се поетскиот двоец на врвот. Тоа е поезија сега обземена од вишата смисла на постоењето, од мистеријата на езотеричното зад материјалното; поезија, која и до сега го познаваше модернистички-постмодерниот поетски идиом, и која и до сега се занимаваше со опсесивниот мотивски триаголник: поезија – жена – татковина, но овојпат, тој триаголник станува длабоко метафизички, духовен и религиозен во смисла на поетското писмо: тоа е една длабока религија на поетското, вера во поезијата и на нејзината (единствена?) можност да биде – небесен, а не само земен дискурс.
Комисијата, од истата селекција, ги разгледа и кандидатите за наградите „Антев златник“ и донесе одлука наградата „Антев златник“ за 2021 година да им се додели на Елизабета Баковска за збирката поезија „Сите болки станаа мои“ и на Димитар Аранаудов за книгата „Ѕвезден часовник“. Елизабета Баковска, во стихозбирката „Сите болки станаа мои“ на еден маестрален интертекстуален начин го вкрстува кодот на народната поезија со најсовремениот постмодерен идиом на отуѓениот човек на денешницата. Таа го „допева“ највредното од богатството на нашиот фолклор со еден современ поетски идиом, и со тоа добива македонски не само поетски, туку и културолошки палимпсест. Станува збор за исклучителна, зрела, учена поетеса (poeta doctus) која точно знае што пишува и како пишува, а притоа на срцето му го остава и првиот и последниот потег на перото. Димитар Арнаудов, име познато на Комисијата по сјајните поетски резултати и од претходните конкурси, е веќе целосно зрел поет свртен кон езотеричното, со една поетска микроскопија (речиси зен-моќ) која и во зрно песок може да ја види целата вселена. Во стихозбирката „Ѕвезден часовник“, таа микроскопија се претвора во цела капиларна густа поетска мрежа симболи, мрежа која подразбира енциклопедиски космолошки код, во кој личното, персоналното и национато стануваат пеење за сѐ, за Големото Едно по кое копнееја и романтичарите и симболистите, и сите големи поети низ историјата на стихот.
Наградата „Антев часовник“, симболично наречена така за оние чие златно поетско време допрва доаѓа, ја доби младата Марија Филипова за книгата „Твоите далги на брегот на Стикс“. Седумнаесетгодишната поетеса Марија Филипова, во конкуренција на исто така сјајните поетски остварувања „Круг на права линија“ на младите Софија Тодороска и „Мечти“ на Мартина Даниловска, се издвои со својот исклучително зрел поетски стил, во кој на еден постмодерен интертекстуален начин се бара допирната точка меѓу митолошкиот цивилизациски слој и најдлабокото, интимно и психолошко искуство на поетското „јас“. Станува збор за поетеса-вундеркинд, чие ѕвездено поетско време допрва доаѓа. Комисијата годинава имаше исклучително тешка задача, зашто од пристигнатите 69 ракописи, повеќе од половината заслужуваа висок поетски третман. За жал, поради воспоставените пропозиции за бројот и карактерот на наградите, Комисијата не можеше да ги награди сите оние кои тоа го заслужуваат. Организаторите и членовите на Комсијата на оваа манифестацијата се горди што името на Анте Поповски и годинава го чествуваа огромен број поети од сите генерации и меридијани, и му одадоа почит на великанот Поповски, со самиот чин на учество на Конкурсот. На сите нив – огромна благодарност и желба за иден поетски растеж.








Link
ПОЧЕСНОТО „АНТЕВО ПЕРО“, ПОЗНАТО КАКО НАГРАДА „АНТЕВА ЗЛАТНА КНИГА“, ЗА АКАДЕМИК ВЛАДА УРОШЕВИЌ

Организациониот одбор на Меѓународната поетско културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ посветена на македонскиот книжевен великан Анте Поповски и Академијата што го носи неговото име одлучија почесното „Антево перо“, познато како награда „Антева златна книга“, за долгогодишни книжевни остварувања од интерес на македонската книжевност, култура и идентитет, за 2021 година, да му се додели на книжевниот великан ВЛАДА УРОШЕВИЌ. Ова признание се доделува по потреба, само за највисоки книжевни остварувања кои се покажале конститутивни за македонската книжевна реч. Признанието првпат беше доделено во 2020-та година, на Михаил Ренџов. Наградата „Антева златна книга“ се состои од книга поетски ракописи од Анте Поповски во кожен повез, испишани со неговиот оригинален ракопис.
Влада Урошевиќ е магистрална фигура на македонската книжевност, полиграф кој постави високи стандарди во нашата книжевна реч и повлече изохипси кои не се надминати во поезијата, прозата и есејот. Урошевиќ е клучна фигура без која не може да се замислат модернитетот и постмодернитетот на македонската поезија, особено преку неговиот интерес за севкупните поетски светски искуства, специјално од симболизмот до надреализмот и авангардата. Без него македонската поезија ја губи својата космичка димензија и дослухот со европскиот поетски сензибилитет. Урошевиќ е поет кој е можеби најмногу, од сите македонски поети, свртен не само кон македонската, туку кон светската поетска традиција. Тој е и татко на македонскиот модернистички расказ, особено облагороден со аурата на фантастиката, хипносот и потсвеста. Урошевиќ е предок и на постмодерниот македонски расказ и роман, а со последните романи остварува специфична хибридна поетика карактеристична за највредните светски прозни остварувања. Урошевиќ е и загадочен есеист од галаксијата на Борхес, што сѐ заедно, од него прави носечки столб на македонскиот книежевен пантеон денес.