НАГРАДАТА „АНТЕВО ПЕРО“ ЗА СТИХОЗБИРКАТА „ПОТПИС: ТРЕПЕТЛИКА“, ОД АНА СТОЈАНОСКА

Со врачување на наградите „Антево перо“ во Центарот за култура на Општина Ѓорче Петров, е заокружена третата по ред Меѓународна поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“, која годинава поради состојбата со Пандемијата предизвикана од болеста КОВИД-19, се одвиваше со скратено издание.
Поединостите во врска со годинешниот конкурс за небјавена книга поезија на македонски јазик на кој пристигнаа рекордни 96 наслови, како и за естетските вредности на наградените збирки поезија, ги повтори претседателот на жири-комисијата за доделување на наградата, проф. д-р Венко Андоновски. Информирајќи за нововостановената награда „Антева златна книга“, која всушност е почесно Антево перо и се доделува за животен поетски опус, Андоновски ова вредно признание му го врачи на првиот носител, бардот на македонската поетска реч, Михаил Ренџов. Наградениот поет пред присутните прочита еден сонет, кој , како што појасни , го напишал неодамна во чест на Анте Поповски, во чијшто спомен се одржува Манифестацијата. Во продолжение на вечерта беше претставен и годинешниот лауреат на наградата „Антево перо“, Ана Стојаноска, која заблагодарувајќи се на авторскиот примерок од единцијата на наградени автори, прочита две песни, а потпишуваше и примероци од наградената книга „Потпис:Трепетлика“.
Во рацете пак на наградените автори Владимир Мартиновски и Зоран Пејковски се најдоа наградите „Антев златник“ кои им припаднаа за делата „Жив(отн)и песни“ и „Остров во окото“, по што на присутните им прочитаа по две свои песни. Наградата „Антев часовник“, со која Манифестацијата настојува да ги охрабри, стимулира, и поддржи младите автори да творат на македонски јазик и да ја збогатуваат македонската литературна ризница, сосема заслужено за стихозбирката „Средбата на Вулкан и Минерва“ ѝ припадна на Георгина Петреска, која иако има само 17 години, веќе е сосема зрел автор, кој длабоко навлегол во тајните и убавините на поезијата. По нејзиниот настап, рециталот продолжи со одгласи од поезијата на авторите Емељ Туна, Елена Пренџова, Оливер Серафимовски, Димитар Арнаудов и Емануела Ковачевска-Китановска, кои со своите книги се пласираа меѓу шеснаесетте, односно седумте најуспешни автори во конкуренција за наградите. Пред бројните посетители, исто така, беше прочитано и поздравното обраќање кое до Манифестацијата го упати еминентниот српски автор, писател, романсиер, раскажувач сценарист и драмски автор, Видосав Стевановиќ. Во писмото тој изнесува непознати на јавноста моменти од неговите контакти со Анте Поповски, во кои, меѓу другото, разговарале и се согласиле дека јазикот е незаменлив за писателите и доколку тие се откажат од него и самите, но и нацијата од која потекнуваат ќе исчезне! Со оглед на тоа што врачувањето на наградата „Антево перо“ се совпадна со денот на кој почина Анте Поповски, присутните беа потсетени на емотивното обраќање со наслов „На зборот беше златоуст, а од раката му излегуваше златопис“ своевремено потпишано од Архиерпископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, по повод смртта на Анте Поповски.
Гостувања, настани, објави, поздравни обраќања
ПОЗДРАВНО ОБРАЌАЊЕ ДО МАНИФЕСТАЦИЈАТА „АНТЕВО ПЕРО“ ОД СРПСКИОТ ПИСАТЕЛ ВИДОСАВ СТЕВАНОВИЌ

Поздравно обраќање до Меѓународната поетско културна Манифестација „Анте Поповски-Антево перо“ покрената во чест на академик Анте Поповски, пристигна и годинава. Овојпат е потпишано од еминентниот српски автор Видосав Стевановиќ, раскажувач, поет, романсиер, сценарист и драмски писател. Стевановиќ е автор на триесетина книжевни дела бројни есеи и многу текстови, а неговите дела се преведени на дваесетина јазици низ целиот свет. Повремено пишуваше за многу југословенски, српски и европски весници како Ле Монд, Либерасион, Ел Паис и Експрес. Во обраќањето на Стевановиќ, се вели: „Почитувани македонски пријатели, колеги, читатели и љубители на литературата, познавачи на животот и делото на Анте Поповски, кому му е посветен овој собир и оваа Манифестација. Чест ми е да споделам со вас неколку моменти што ги поминав со Анте Поповски. Нашата последна средба се одржа на крајот на ноември 1991 година. Со семејството тргнав за Грција од причини кои верувам Ви се добро познати, но на пат кон таму останав во Скопје три дена. Пред стемнување се наоѓавме со Анте пред хотелот, а потоа шетавме и разговаравме. Темата на која постојано се навраќавме беше егзилот, заминувањето на писателот од неговата земја. Бидејќи, многумина од нас се прогонети без и тоа да го знаат, или не слутат дека тоа ќе бидат. Пријателски разговаравме што од тоа писателот добива, а што губи. Добива можност да запознава нови светови, други култури и јазици, да сознава и да се менува, да биде некој друг. Тој го губи својот претходен литературен живот, своето и не само своето минато, повеќето негови колеги, многу пријатели, каков- таков статус во општеството, навиките и можеби обичаите, безброј ситници од секојдневието што го сочинуваат човечкиот живот. Сето тоа може повторно да се стекне, надомести, замени и дополни. Но, тој мора да земе и понесе нешто исклучително важно со себе и во себе: тоа е јазикот на кој тој пее, пишува приказни и романи, размислува и чувствува. Не може да се одрече од него, мора да го сочува, зашто во спротивно ќе исчезне. Само јазикот е незаменлив за нас писателите, и за тоа сведочат и оние кои мораа или сакаа да го променат во немирното море на други и големи јазици. Затоа што нема, заклучивме Анте и јас, големи и мали јазици. Секој е голем онолку колку што таков ќе го направат писателите кои творат на него и оние кои што го говорат, развивајќи го толку многу што, како што вели еден германски писател, тој да мисли и поетизира наместо нив. Мојата порака до вас, која ја извлеков од тој разговор и моето подоцнежно искуство стекнато во егзил, е едноставна: зачувајте го својот јазик, развивајте го и негувајте го, борете се со него, дајте му повеќе отколку што ви дава, па можеби како некое волшебно средство, ќе Ве дарува повеќе отколку што сте очекувале. Ако некаде во туѓина, во некоја странска земја, (вие Македонците ја знаете тежината на тој термин) , Ве зафати неодолив копнеж за вашиот јазик, потреба што ви се заканува, вратете се таму од каде потекнува и настаал тој јазик. Како што се врати писателот на овие неколку редови. Бидејќи, извинете на патетиката, јазикот е нашата татковина. Друга немаме и никогаш нема да стекнеме“.