
Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“, се одржа од 4 до 6 октомври во Скопје и во родното село на поетот, Лазарополе. Отворањето на манифестацијата на 4 октомври се реализира во спомен-собата на Анте Поповски во Центарот за култура во Општина Ѓорче Петров во Скопје, каде што поетесата Александра Димитрова за поетскиот ракопис „Дупка“, по пригодната реч, официјално беше прогласена за победник на конкурсот „Антево перо“ за 2019 година за необјавена поетска книга на македонски јазик и беше врачен јавно првиот официјален примерок. Како поети чии збирки се најдоа во најтесната конкуренција за наградата, на авторите Михајло Свидерски за збирката песни „Граници“ и на Сузана В. Спасовска за стихозбирката „Јазикот на светлината“, им беа врачени две придружни награди „Антев златник“ со ликот на поетот Анте Поповски. На младата поетеса Емануела Ковачевска-Китановска за поетскиот наслов „Кожена душа“ ѝ беше врачена новоутврдената награда „Антев часовник“, која во иднина ќе им се доделува на поети до 25 години, со цел дополнително да се стимулира творештвото на најмладите наши таленти. Во продолжение на вечерта присутните уживаа во поетското читање на дел од присутните учесници на годинешниот конкурс за наградата „Антево перо“, а беа врачени благодарници на присутните поети кои учествувале на годинешниот конкурс, за нивниот придонес во растежот и афирмацијата на манифестацијата „Анте Поповски – Антево перо“. Исто така, јавно беа прочитани и пристигнатите поздравни телеграми со поддршка на манифестацијата организирана во чест на академик Анте Поповски.
На 5-ти и 6-ти октомври, со повеќе содржини Манифестацијата „Антево перо“ продолжи во родното село на поетот, Лазарополе, каде членовите на Академијата „Анте Поповски“ учествуваа на Симпозиумот во чест на великанот Анте Поповски насловен „Антево дело“, со кој раководеше проф. д-р Кристина Николовска. Симпозиумот покрена литературни, литературно-теориски, јазични, културолошки, филозофски, општествени теми, теми од историја на уметност, естетика, теми од културното живеење, итн. Учесници на Симпозиумот беа еминентни научни, културни работници, писатели, уметници, сликари, јавни личности, но и негови познати кои би ги расветлиле Антевото дело и неговиот лик. Свои трудови за овој научен собир презентираа, проф. д-р Венко Андоновски, проф. д-р Кристина Николовска, д-р Атина Цветаноска, доцент д-р Атанас Чупоски, м-р Симона Петровска, м-р Наташа Данчевска, м-р Митра Блажевска и Панде Колемишевски. По сесиите предвидените дискусии беа плодотворни и беа предложени низа нови теми за следниот Симпозиум, а организациониот Одбор на Манифестацијата отпечати и Зборник со презентираните трудови од Симпозиумот. Се одржа и поетско читање на поетите учесници, а познатиот ликовен уметник и креативец Живко Поповски Цветин промовираше мир и љубов, испреплетена со стихови со помош на неговата цветна техника на сликање.











Поздравни обраќања
ЧЕСТИТКА ОД ПОРАНЕШНИОТ ВЕНЦОНОСЕЦ НА СВП ХУСТО ХОРХЕ ПАДРОН

Ако некоја честитка или телеграма е потпишана од искрен и осведочен пријател, а згора на тоа тој е истакнат автор од европски формат, тогаш значењето на тој допис е двојно поголемо. Еве што содржи пораката која еден од најпреведуваните шпански поети, преведувач, есеист и поранешен добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата Хусто Хорхе Падрон ја упати до Меѓународната поетско културна манифестација „Анте Поповски-Антево перо“:
„Почитувани пријатели! За мене претставува големо задоволство и неизмерна чест да ви се обратам Вам говорејќи за мојот пријател и врвен поет Анте Поповски, еден од великаните и темелниците на македонската литература чие дело претставува значаен дел од богатството на македонската културна ризница. Неговата „Света песна“ го истакнува македонското минато и го осветлува патот кон поблескава иднина. Македонија треба да го споменува со гордост неговото име кое ја величи нејзината книжевна и културна традиција. Убеден сум дека манифестацијата „Анте Поповски – Антево перо“ заслужува голема поддршка од секаков вид од страна на административното тело на државата која ќе ја претставува на најефикасен и успешен начин. Јас лично јавно ја подржувам оваа толку плодна иницијатива и верувам дека тоа ќе го сторат и највидните личности и институции на Македонија. Им посакувам многу успех на организаторите на оваа, се надевам, долгогодишна Манифестација посветена на мојот драг и незаборавен пријател и колега, Анте Поповски. Примете ги моите најискрени и срдечни поздрави!“ Хусто Хорхе Падрон
“Estimados amigos: Para mí es una enorme satisfacción y gran honor poder dirigirme a Ustedes hablándoles de mi amigo y cimero poeta Ante Popovski, uno de los portentos y pilares de la literatura macedonia, cuya obra forma parte esencial del tesoro cultural macedonio. Su “Poema sagrado” destaca el pasado macedonio e ilumina el camino hacia un futuro más brillante. Macedonia tiene que recordar con orgullo su nombre que engrandece su tradición literaria y cultural. Estoy convencido de que la manifestación “Ante Popovski – La pluma de Ante” merece obtener un gran apoyo de cualquier tipo por parte del cuerpo administrativo del estado al que representará de la forma más eficaz y exitosa. Yo en persona apoyo públicamente esta fructífera iniciativa y creo firmemente que lo mismo lo van a hacer también los más destacados personajes e instituciones de Macedonia. Les deseo mucho éxito a los organizadores de esta Manifestación, espero durante muchos años, dedicada a mi querido e inolvidable amigo y colega, Ante Popovski. Ahí les van mis más sinceros y cordiales saludos.” Justo Jorge Padrón
Од името на Литературното друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, Австралија, сакаме да ја подржиме идејата за промовирање и овековечување на името на нашиот ценет поет и писател Анте Поповски. Анте Поповски е наш почесен член и во минатото често бевме во контакт со него. Тој секогаш наоѓаше време и енергија да соработува со нас, во пишување рецензии и написи преку кои се промовираше нашата литературна активност и издавачката дејност во Австралија и пошироко. Преку таа соработка имавме можност да го запознаеме Анте како голем поет, патриот полн со љубов кон својата татковина, а и со скромност кон делата што ги создаваше. Ние сме со мислење дека делото на Анте остави длабоки траги во македонската литература што сите ние кои пишуваме искрено и неизмерно го почитуваме. За неговото име да остани трајно, убаво би било да се именува улица или училиште со неговото име или пак да се направи трајна поставка од неговите дела во некои од македонските културни установи.
Со почит од името на членовите на Литературното друштво „Григор Прличев„ од Сиднеј, Душан Ристевски (Претседател)